Металург му гостува на Загреб во желба за нови бодови во СЕХА

Денеска и утре ќе бидат одиграни средбите од 14. коло во СЕХА-лигата, а македонските тимови натпреварите ги играат вечерва од 19 и од 20:45 часот.

Први на терен излагаат металурзите кои се во Загреб и му гостуваат на истоимениот тим. Дуелот го очекуваат во различно расположение. Домашните се соочуваат со проблеми бидејќи не можат да сметаат на комплетниот тим, а останаа и без единствениот десен бек кој беше подготвен за игра. Тоа ќе биде проблем за Златан Сарачевиќ на дуелот во кој очекува нови бодови.

Металург, пак, нема што да загуби. После одличната игра против составот на Војводина на домашен терен во минатото коло сега може слободно да влезе и во овој натпревар. Шансите за пласман на фајнл-фор турнирот се само теоретски, а за да се случи тоа требаат пет победи до крајот и поклопување на коцките што ќе биде навистина тешко.

Денеска од Металург може да се очекува опуштена игра и да се прикаже добра партија во која ќе има надигрување со противникот кој има поискусен состав. Сепак, на овие дуели тоа не мора да има значење, па сосема извесно е дека денеска ќе има интересна средба во која и двата тима ќе се потрудат да покажат квалитет.

Инаку, Загреб не смее да си дозволи кикс бидејќи доколку загуби може да остане без 2. позиција која ќе биде од големо значење за завршниот турнир. Средбата почнува во 19 часот, а дефинитивно Металург ќе биде на голем предизвик бидејќи Загреб е фаворитот на овој меч од 14. коло во СЕХА-лигата.