Металург лесно го реши Пелистер

Иако се очекуваше далеку понеизвесен тек, ракометарите на Металург лесно го решија пријателскиот натпревар против битолски Пелистер. Првопласираниот тим на табелата во Суперлигата играше без комплетната бековска линија, Орјоникидзе, Везенковски, Митиќ, како и без повредениот голман Рајчиќ, па тука треба да се бара причината за високиот пораз од 35:26.

По почетните 3:3, домашните ракометари погодија три пати по ред за 6:3 во 10 минута и го најавија победникот. Јагањац донесе и плус 4, 9:5 во 17 минута, а 5 минути подоцна беше и 16:11. Капитенот Кузмановски стрелаше во голот на неговиот матичен тим за 17:11 по првиот дел.

По 3 минути во второто полувреме Металург зголеми на 20:11 и веќе немаше назад за битолчани. Предноста потоа се движеше најчесто околу 7 голови разлика, се измешаа поставите на теренот, а конечниот резултат беше 35:26. За Металург следуваат уште четири средби во СЕХА Лигата, додека Пелистер го очекуваат исто толку во регуларниот дел од Суперлигата.