Металург ги промовираше новите засилувања (ФОТО)

Тимот на Металург на следните натпревари од регионалната СЕХА лига и Лигата на шампионите, ќе биде засилен со тројца нови интернационалци. Станува збор за тројцата бекови – Александар Шпенде, Миха Пучник и Гонсало Рибеиро.

Вицепрвакот ги промовираше на денешната прес-конферецнија по повод претстојниот дуел од ЛШ против рускиот првак Чеховски Медведи. Шпенде и Пучник потпишаа договори до крајот на сезоната, додека Рибеиро ќе остане во Автокоманда две години.

Шпенде е поранешен младински репрезентативец на Словенија, а има настапувано за Марибор и Порто.

„Две недели сум тука, се вклопив во екипата. Градот е евтин, се е супер и можам да кажам само убаво. Тренинзите се добри, работиме напорно и сега ни останува да покажеме како изгледа новиот Металург со нас тројца. Треба да почнеме да победуваме на натпреварите и да покажеме дека имаме квалитет и во Супер лигата напролет да му конкурираме на Вардар“, вели Шпенде.

Пучник немаше ангажман по крајот на минатата сезона, но се надева дека ќе може да му помогне на тимот.

„Добро се чувствувам тука и се надевам дека ќе помогнам на тимот. Највозрасен сум тука и ќе се обидат да им помогнам на помладите. Се надевам дека ќе бидеме подобри од порано и дека ќе победуваме“, вели Пучник.

Рибеиро во својата кариера бил најдобар стрелец за вториот тим на Бенфика, а иако има 21 година, Металург е втора станица во неговата интернационална кариера.

„Да се биде тука е навистина добро. Ми се допаѓа проектот на Металург. и ќе се обидам да се вклопам во него“, беше краток Рибеиро.

Со нив тројца, стратегот Данило Брестовац добива нови опции на бековските позиции, кои останаа полупразни по заминувањето на Кузмановски и Јагањац. Тие ќе го имаат дебито в недела на дуелот против руските „мечки“.