Металург „гази“ сигурно во Женската лига

Ракометарките на Металург не знаат за пораз, а новата победа ја забележаа во рамки на 5. коло во кое како гости славеа убедливо против Цемс со 37:18.

Уште од самиот старт Металург ја покажа својата доминација. Немоќта која ја покажуваше Цемс успешно ја казнуваше Металург кој на противничките им дозволи во првиот дел да постигнат само  девет погодоци. Во првите 30 минути гостинките стигнаа до 18 и тука уште го решија натпреварот.

Ваквата доминација продолжи и во вториот дел во кој на ракометарките на Металург не им беше тешко да ја заверат петтата победа по ред во Женската лига. Најдобар стрелец кај тимот од Автокоманда беше најефикасната после четири кола во лигата, Марија Гајиќ која погоди осумпати. Мала светлина во играта на Цемс покажаа Наталија Пецанова и Христина Мартиновска кои погодија по четирипати.

Следната пречка за Металург во походот кон титулата во Женската лига е тимот на Пелистер, додека Цемс шансата за подобрување на впечатокот ќе ја бара против Деспина на гости.

ЦЕМС – МЕТАЛУРГ         18:37 (9:18)

Сала: „Христо Ботанџиев“ во Ѓорче Петров. Судии: Лејла Јашар и Михаела Капсарева од Скопје. Делегат: Марјан Огњановски од Скопје.

ЦЕМС: Станчева, Алушовска 1, Костадиновска 3, Пецанова 4, Цветковска, Чоловиќ, Сандева, Василева 3, Карчева 2, Мартиновска 4, Цветковска 1, Донева, Филиповска, Насковска, Китановска.

Седмерци: 3/4, Исклучувања: 2 мин.

МЕТАЛУРГ: Илјаз, Софтовска, Гугуљанова 4, Кукунешевска 2, Ѓорѓиевска 1, Владева, Гулицоска 2, Тасевска 3, Смајлоска 1, Калајџиевска 6, Граматова 5, Стефановска 1, Гајиќ 8, Брунчевиќ, Гичевска 4, Паскал.

Седмерци: 2/4, Исклучувања: 4 мин.