Металург без Брестовац во лов на „мечки“ среде Чехов

Ракометарите на Металург вчера преку Софија отпатуваа за Москва, односно во градчето Чехов од Московската област, каде ќе го одиграат натпреварот од петтото коло во најелитната европска конкуренција, Лигата на шампионите.

Македонскиот вицепрвак ќе се соочи со добро познатиот Чеховски Медведи, тим со кој двобоите се чести во последните сезони. Тимот од Автокоманда на овој дуел ќе биде предводен од Оливер Димитриоски, поради суспензијата на Данило Брестовац од страна на ЕХФ.

Во ростерот на Металург нема поголеми играчки промени, освен на голманската позиција. Во споредба со претходниот меч против Силкеборг, на местото на Виктор Василевски, се враќа Никола Даниловски.

Натпреварот меѓу Чеховски Медведи и Металург се игра денеска со почеток од 15:00 часот по македонско време во салата „Олимпискиј“ во Чехов. Судии на натпреварот ќе бидат Италијанците Франческо Симоне и Пјетро Монтиљо, додека делегат е Валерис Јаскинс од Латвија.