Меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“ в петок и в сабота во Прилеп

На 7 и 8 септември во Прилеп во салата „Сонце“ ќе биде одржано новото издание од Меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“, на кој екипата на Прилеп ќе биде домаќин на две екипи од Македонија и една од Црна Гора.

Во Прилеп ќе дојдат составите на Струга, Пролет и Ловќен и ова ќе бидат интересни средби кои екипи ќе ги искористат за подготовка за новата сезона.

Според планот за одигрување на средбите во моментов в петок од 18 часот први на терен ќе излезат составите на Струга и на Прилеп, додека од 20 часот ќе се судрат екипите на Пролет и Ловќен. Победниците ќе играат во финалето в сабота од 20 часот, додека поразените во 18 часот ќе се борат за 3. позиција.

„Ја продолжуваме традицијата за организирање на турнирот во чест на прерано починатата легенда на ракометот во Прилеп, Миле Нешкоски. Годинава ќе имаме меѓународен карактер на турнирот со доаѓањето на Ловќен од Црна Гора, а ќе имаме и три домашни клубови. Ова ќе биде добра можност за сите за финална проверка на формата пред стартот на новата сезона. Инаку, турнирот ќе го организираме во салата каде што некогаш Тутунски комбинат ги играше средбите како домаќин“, вели спортскиот директор на Прилеп, Гоце Макалоски.

Прилепчани ќе се обидат да го вратат ракометот на старите патеки, а на турнирот ќе се види како се работело во подготовките и за колку се подготвени во моментов.