Матеј Петковски за 24 Ракомет: Одигравме на ниво и ги заштедивме силите за следните предизвици

Во висок стил и со убедлива игра репрезентативците на Македонија успеаја да го завршат првиот натпревар на ЕХФ шампионатот. Нашата репрезентација беше супериорна и сигурна во фазите на напад и во одбрана, а играчите успеаја да сокријат голем дел од она што е планирано да се игра на средбите на овој турнир.

Ракометарите успеаја да ја искористат минутажата и сега со нетрпение ги очекуваат следните три предизвици од групата. Постигнатите 15 погодоци на Британците беа многу малку во споредба со нашите 32, а за ваквата разврска еден од најзаслужните беше голманот, Матеј Петковски кој во првото полувреме забележа осум интервенции.

После натпреварот, Петковски ја нагласи потребата за штедење на силите за следните посериозни предизвици.

„Игравме на ниво, треба да се поштедиме и за следните натпревари. За нас ќе биде многу важен натпреварот против Швајцарија и мислам дека за тој натпревар треба да се подготвуваме најмногу, но не го занемаруваме и двобојот со Италија кој исто така ни е многу важен“, изјави за 24 Ракомет, голманот Матеј Петковски.

По натпреварот со Велика Британија, Македонија има два слободни денови, па оди на мегдан со Италијанците и ако се помине во најдобар ред битката за првото место е неизбежна.

„Се надевам дека ќе го освоиме првото место, имаме капацитет за да го направиме тоа, со одлични играчи и тренери и со самото тоа целиме кон првото место“, заврши Петковски.

Тој беше еден од неколкуте кандидати за најдобар играч на натпреварот, а  признанието го однесе најдобриот стрелец на средбата, Мице Шилегов, кој постигна осум гола. Репрезентативците на Македонија следниот натпревар го играат на 23 јули со почеток во 18 часот.