Матевж Скок: Металург заслужува голем респект, одигра две силни средби во два дена

Тимот на Спортинг дојде до петтата победа во Лигата на шампионите откако против Металург се избори за победа од 31:24. Со ова Спортинг остана во трка за првите две места во групата и до крај ќе биде во битката со Бјерингбро-Силкеборг и Татран Прешов.

„Екипата на Металург заслужува тотален респект. Ова се млади момци, но да се играат две средби во два дена и тоа со вака висок ритам е навистина неверојатно. Ова не е и нашиот вистински лик и ние треба добро да се замислиме каде одиме. Металург ги нема условите кои ги имаме ние, но денеска ракометарите покажаа како треба да се борат за својот клуб. Сепак, можам да видам дека пред Металург има иднина и сигурно дека овие момци со добра работа ќе можат да одат напред“, коментираше голманот на Спортинг, Матевж Скок.

Тој на овој натпревар успеа да забележи 17 одбрани од игра, а запре и еден седмерец со што многу учествуваше во победата над Металург.