Матеа Плетикосиќ: Вардар сезонава е непобедлив

Будуќност не успеа да си замине со бодови од Скопје, но тоа ретко кој и го очекуваше со оглед на составот со кој располага во моментов шампионот на Црна Гора.

После средбата разликата во квалитет ја призна и тренерот, но и ракометарките, а Матеа Плетикосиќ кажа дека против еден ваков Вардар ретко кој ќе може да се надева на бодови.

„Во првото полувреме  не влеговме добро во мечот. Имавме многу грешки во одбраната, но тоа подоцна се поправивме. Вардар сезонава е непобедлив. Има тим за триумф и на фајнл-фор доколку ракометарките успеат да се зачуваат од повреди. Ние сакавме да го извлечеме максимумот и да напредуваме од тоа. Во првиот дел покажавме дека можеме да играме, а имавме многу грешки. Тоа беше и причина за големата разлика која беше создадена после првите 30 минути“, изјави Плетикосиќ.