Мартин Томовски: Скок беше одличен, кога требаше најмногу промашувавме…

Eдна од посветлите точки на натпреварот против Спортинг во дресот на Металург беше голманот Мартин Томовски, кој собра голем број на одбрани. Тој го заврши мечот со 17 одбрани од игра и еден седмерец, но тоа не беше доволно бидејќи во нападот работите не функционираа најдобро.

После средбата Томовски го даде своето видување за она што беше прикажано на теренот.

„Спортинг покажа ракомет на високо ниво и му честитам за победата. Ние имавме одлично отворање на средбата и имавме предност во првото полувреме кое го одигравме добро. Во вториот дел кога беше најпотребно промашивме неколку зицери. Тука беше и Скок кој имаше одличен ден. Едноставно ние не искористивме неколку акции. Ова не е вистинскиот изглед на нашата екипа, но ќе мораме многу да се подобриме“, изјави после средбата голманот на Металург, Мартин Томовски.

Тој на последните две средби влегуваше да брани само удари од седум метри и беше успешен, а денеска блесна во полн сјај бранејќи 60 минути. Сепак, сето тоа останува во втор план бидејќи денеска Металург мораше да капитулира пред физички посилниот ривал.