Маркоска, Јованоска и Митоска донесоа победа за Стружанка против Пелистер

Ракометарките на Стружанка приредија изненадување во 2. коло од Женската лига совладувајќи го фаворитот Пелисер пред својата публика до 22:20.

300x250

Битолчанки важеа за фаворити за победа, но на теренот наидоа на расположените Маркоска и Јованоска кои буквално самите ги победија бидејќи постигнаа дури 17 од 22 гола на Стружанка. Воедно имаа проблеми и со столбот на одбраната на домашните, Марина Митоска која успеа да одбрани многу тешки удари.

Во првиот дел од средбата имаше менување во водство. Стружанка го доби стартот од средбата и направи предност од 5:2, а потоа противникот се врати и успеа да поведе со 8:7. Сепак, тука одново дојде до промени. Домашниот тим водеше со 9:8, за Пелистер да ја има предноста при 11:10. Сепак, на одмор Стружанка отиде со 12:11 и најави интересен втор дел.

И во продолжението од средбата немаше ништо ново. Работите продолжија во ист стил. Имаше нови промени во водството. Пелистер водеше последен пат со 19:18, а тука се случи серија од 3:0 за домашниот тим и сите работи беа свртени во позитивен правец за Стружанка, која на крајот стигна до трите бода.

Со оваа победа тимот на Стружанка го направи првенството уште поинтересно, па после киксот на Куманово на стартот сега и Пелистер загуби важни бодови.

СТРУЖАНКА – ПЕЛИСТЕР           22:20 (12:11)

Сала: „Нико Нестор“ во Струга. Гледачи: 300. Судии: Александар Вукашиновски и Мирко Трајковски од Скопје. Делегат: Цано Куртовиќ од Скопје.

СТРУГА: Ѓоќеска, Митоска, Дукоска, Јовичинац, М. Вранишкоска, Маркоска 9, К. Вранишкоска, Јованоска 8, Дурацоска, Јоноска 1, Затуроска 2, А. Петреска, Чушкоска 1, М. Петреска, Делиоска 1.

Седмерци: 2/2, Исклучувања: 4 мин.

ПЕЛИСТЕР: Дурланова, Кицеска, Каковска, Божиновска 2, Апостолоска, Раиф, Глигоријадис 5, Николовска 2, Милосављевиќ, Талевска, Чокели 1, Филипоска 3, Белевска, Јанкуловска 5, Каранфиловска 2.

Седмерци: 1/3, Исклучувања: 12 мин.