Марковски: Очекувам да им парираме на противниците во текот на сите 60 минути

Женската младинска репрезентација на Македонија ги завшри подготовките во Маврово во пресрет на настапот на Европското првенство кое ќе се одржи од 27 јули до 6 август во словенечкиот град Целје. Селекторот Борче Марковски на располагање имаше 18 ракометарки, од кои ќе отпаднат две пред заминувањето за Целје.

„По успешните квлификации во април, работевме десетина дена во Маврово како на физички, така и на техничко-тактички план. Кратко е времето за подготовка, ни остануваат уште две недели до почетокот на ЕП. На неколкуте претходни кратки собири нешто одработивме, останува она главното, пред се физичката подготовка. Работевме напорно, секој ден имавме по два тренинзи и се надевам дека добро подготвени ќе се претставиме на ЕП.“ – вели Марковски.

Во однос на составот кој играше на квалификацискиот турнир во Скопје против Молдавија, Фарски Острови и Унгарија, измени има само на голманската позиција.

„Бевме принудени да направиме одредени промени на голманската позиција, затоа што и кадетското и младинското ЕП се одржуваат во исто време. Амра Илјаз и Јована Мицевска се кадетки, па ние приоритет му даваме на тој шампионат. Имаме четири голмани во младинска конкуренција, а на ЕП најверојатно ќе патуваме со три девојки.“ – продолжи Марковски.

Главен проблем на младинските селекции во овој период се пријтелски натпревари, односно наоѓањето на противници.

„Има комбинација да се одиграат два дуели со Црна Гора, меѓутоа тоа не е сигурно, па доколку не најдеме противници, ќе одиграме меѓусебен дуел со кадетките.“ – вели битолчанецот.

Противници на Македонија ќе бидат силните селекции на Норвешка, Русија и Хрватска, кои секогаш се дел од завршниците на континенталните шампионати, како и од борбата за медали.

„Имаме видео анализи од Русија и Хрватска, тоа се квалитетни противници, но очекувам дека ќе можеме да парираме во текот на сите 60 минути, дека ќе се бориме максимално и дека нема да имаме големи падови во играта како на квалификацискиот турнир.“ – заврши Марковски.

Подготовките на младинките продолжуваат во Скопје, каде ќе се тренира се до заминувањето за Словенија.