Марија Николиќ два месеци надвор од ракометните терени

Пикерот на Металург и на женската ракометна репрезентација, Марија Николиќ два месеци ќе биде надвор од ракометните терени. Марија подолго страдаше од Бекерова циста никната зад коската на десното колено, па се реши на оперативен зафат, кој успешно е извршен. Предвидената пауза за овој вид зафати е од 8 до 10 недели.

„Операцијата мина успешно и јас конечно се ослободив од проблем што ме мачеше подолго време. На терен ќе се вратам за околу два месеци и се надевам дека ќе успеам брзо да ја повратам својата форма.“ – изјави Марија Николиќ.

Тоа значи дека најверојатно Металург нема да смета на нејзините услуги до крајот на сезоната, но таа би требало да биде подготвена за репрезентативните предизвици, односно бараж дуелите за СП против Шведска.