Марио Танкоски за 24 Ракомет: Имаме квалитет и можеме да ја оствариме целта

Машката јуниорска репрезентација на Македонија од вчера е во Маврово и работи на кревањето на формата пред ЕХФ-шампионат на кој сме домаќини од 20 до 29 јули. Данило Брестовац со своите помошници Никола Матлиески и Кристијан Грчевски на тренинзите има 22 ракометари. Сите се максимално мотивирани бидејќи знаат дека мора да одработат со сите сили доколку сакаат да обезбедат место на турнирот.

300x250

Ова ќе биде турнир на кој неколку ракометари што лани играа на Светското првенство сега ќе треба да ја преземат улогата на лидери. Тие се свесни за тоа и така и ќе се постават на теренот и заедно со помладите колеги ќе одат кон нови успеси.

„Ние сме поискусни. Игравме и лани на Мундијалот и треба да бидеме водачи на теренот  и очекувам да биде така и за време на натпреварите. Имаме спој на генерациите 1998 и 2000. ЕХФ-шампионатот не е од рангот на Европските првенства, но денес сите играат ракомет и мораме максимално сериозно да го сфатиме ова. Ќе треба да бидеме на потребното ниво и да направиме сè што е во наша можност за да ја оствариме целта, а тоа е првото место“, вели Марио Танкоски за 24 Ракомет.

Тој е играч кој добиваше добра минутажа и во конкуренција на поискусните во минатиот циклус, па тоа искуство сега ќе му биде од голема корист во битката за нов добар резултат на младинската селекција на Македонија.

„Сметам дека сме квалитетни и дека едно од првите две места во групата и пласманот во полуфиналето нема да бидат проблем. Ќе треба сериозно да влеземе во секој меч, но ова сигурно ќе го направиме“.

Со оглед на тоа што во Скопје температурите не дозволуваа нормална работа бидејќи беше премногу жешко сега се работи на понормални услови за тренинг во Маврово, а следниот викенд треба да се вратат назад и да ги финишираат подоготовките за турнирот кој почнува од 20 јули.

„Беше тешко во првите неколку дена во Скопје. Високите температури ни зададоа мали проблеми, но сега сме веќе на Маврово каде е поинаку. Овде продолжуваме во силниот ритам, а на двете контроли против Црна Гора ќе видиме до каде е нашата форма и што ќе треба да се поправа за средбите на ЕХФ-шампионатот“, коментираше Танкоски за 24 Ракомет.

Првиот натпревар Македонија ќе го одигра против селекцијата на Велика Британија на 20 јули од 20 часот во салата во СЦ „Борис Трајковски“.