Манасков: Се надевам дека и во иднина со младите момци ќе се пласираме на големи натпреварувања

Македонија загуби минимално на гостувањето во Романија, но и тоа беше доволно ракометарите на Раул Гонзалес да обезбедат пласман на ново големо натпреварување.

Дејан Манасков кој беше  еден од најдобрите поединци на двата бараж натпревари против Романија видно задоволен по обезбедениот пласман на СП 2019 во Германија и Данска

“Уште пред натпреварот знаевме дека ќе биде тешко, знаевме дека Романците ќе се обидат да не изненадат но бевме подготвени на се. Промашивме неколку зицери во првиот дел и затоа не заминавме со предност на полувреме. Во вториот дел малку и се опуштивме, направивме неколку грешки по кои Романија направи предност од четири разлика, но успеавме да се стабилизираме и да го однесеме натпреварот во позитивен финиш, обезбедувајќи пласман на СП”.

За левото крило на Македонија, продолжувањето на континуитетот на учества на големите натпреварувања е од исклучително значење за Македонија.

“Тоа е исклучителна важност за оваа генерација и за следната која доаѓа. Овие квалификации и следните можеби ќе ги одиграме во овој состав, но после тоа мора да дојде до очекуваната смена на генерации кога националниот тим ќе го напуштат неколку искусни ракометари. Тоа е така во секоја репрезентација па мора да се случи и кај нас. Се надевам дека овие млади момци ќе созреат уште повеќе во следните година-две, и ќе продолжиме во континуитет да обезбедуваме пласман на големите натпреварувања”.-заврши Манасков.