Манасков: Романците сигурно ќе бидат помотивирани, но не сме дојдени тука да ја браниме разликата од Скопје

Македонската репрезентација утринава пристигна во Клуж, Романија каде ќе го одигра реванш натпреварот за пласман на Светското првенство 2019. Составот на Раул Гонзалез патува со предност од осум голови, разлика со која заврши првиот натпревар, кој на 10-ти јуни се одигра во спортскиот центар „Борис Трајковски“. Резултатот 32-24 дава оптимизам пред реваншот во Клуж, а еден од најдобрите поединци во македонскиот состав, левото крило на Веспрем, Дејан Манасков иако претпазлив во изјавите, истакна дека Македонија во Клуж е дојдена по мундијалски билет.

Знаевме што не очекува утре. Сигурно нема да биде лесно, но имаме предност од осум голови разлика. Не сме дојдени тука да мислиме како да ја одбраниме таа разликата, убаво би било да се обидеме да победиме и да одиграме максимално. Доколку го отвориме натпреварот добро и имаме контрола во првите триесет минути, нема да има проблем да се пласираме на Светското првенство. Романците не можат да променат многу во играта, но сигурно дека ќе бидат далеку помотивирани бидејќи играат дома пред своја публика. Сигурно дека ќе се обидат да дојдат до висока победа, во спортот нормално е да се надеваш до крај. Затоа мораме да бидеме подготвени на сè, да дадеме свој максимум утре и да го потврдиме пласманот на светското првенство.-вели Манасков.

Македонија утре со почеток од 18:30 часот по локално време ќе го одигра реванш натпреварот од бараж дуелот за пласман на Светското првенство 2019 година, преносот на националната телевизија Телма е најавен за 17:30.

Од Клуж,
Дејан Михајловски