Македонци ги тестираа „петлите“ од Кокс пред гостувањето во Битола

Финскиот првак Кокс е следен ривал на македонскиот вицепрвак Еурофарм Работник во Лигата на шампионите, против кој битолчани ќе се обидат да забележат прва победа во елитата. Сепак „петлите“ од Финска не се наивни и ќе треба да се биде претпазлив, па сериозно да се влезе во натпреварот уште од самиот старт.

На последниот дуел од финскиот шампионат Кокс славеше над составот на ПИФ, каде што играат двајца Македонци – Александар Тренчевски и Илија Крстевски, со убедливи 21-40. Во составот на Кокс се истакнаа Нико Ронберг со осум голови и Бојан Жупањац со шест, додека некогашниот ракометар на Пелистер и Металург, Александар Гуглета, стрелаше четири пати.

Кај ПИФ, Тренчевски даде пет погодоци, додека Крстевски два пати се запиша во листата на стрелците. Натпреварот меѓу Еурофарм Работник и Кокс се игра в недела, на 13 октомври со почеток во 17:00 часот во спортската сала „Боро Чурлевски“.