Македонците на цена како селектори: Андон Бошковски ќе ја предводи Грузија

Македонскиот тренер со „мастер коуч“ лиценца, Андон Бошковски од декември ја превзема работата со сениорската репрезентација на Грузија. Бошковски во Тбилиси ги договара деталите за двегодишниот мандат, а прв предизвик за македонскиот стратег ќе бидат квалификациите за бараж за Светското првенство кое ќе се одржи во Данска и Германија.

Бошковски во својата тренерска кариера беше дел од нашите најдобри клубови Вардар и Металург, го предводеше Младост Богданци, а минатата сезона со Е. Работник испиша нова историја за клубот со пласман во финалето на Купот на Македонија и обезбедено учество во Челинџ купот. Тој беше дел и од стручниот штаб кој ја одведе Македонија до 5-то место на Европското првенство во Србија. Заедно со тогашниот селектор Звонко Шундовски беа дел од олимпискиот квалификациски турнир(ОИ2012) и Светското првенство во Шпанија 2013.

Репрезентацијата на Грузија е составена од ракометари кои настапуваат претежно во романскиот шампионат, а тројца од нив се дел од македонската Суперлига (Чантурија, Орјоникидзе и Мсквиладзе). Селекторот Бошковски веќе има своја визија за грузиската репрезентација, тој своето прво интернационално искуство го стекна токму во Романија затоа му е многу добро познат тој систем на работа и можностите на дел од репрезентативците. Според филозофијата на македонскиот стратег се очекува своја шанса да добијат и младите таленти на грузискиот ракомет.

Грузија е во квалификациската група 2 заедно со Литванија, Летонија и селекцијата на уште еден македонски тренер, Звонко Шундовски, репрезентацијата на Израел. Турнирот ќе се одигра од 12-14 јануари во Клепеда, Литванија, а победникот ќе обезбеди место во баражот за СП2019.