Македонските „лавови“ покажаа моќ, одиграа со срце за цела Македонија

Машката сениорска репрезентација на Македонија оди на Европското првенство во Австрија, Шведска и Норвешка како првопласирана во Групата 3 откако денеска во последното 6. коло ја совлада Грција со 27:23 После голема битка во „Парк“ во Струмица во која имаа тежок старт на средбата и далеку подобри 40 минути во продолжението на крајот победата беше сосема заслужена.

Почетокот на средбата беше во знакот на гостите. Тие поведоа со 2:0 и успеваа два гола предност да ги чуваат во поголемиот дел од првото полувреме. Највисоката предност им беше три гола, а последен пат ја имаа во 15. минута при 8:5. Овие три гола почнаа да се „топат“ после заврстувањето на одбраната. Постепено ја снемуваше предноста на гостите, а во 20. минута се дојде до 9:9. Малку потоа беше обезбедено и првото водство кое беше зачувано до крајот на првото полувреме.

Македонија замина на одмор со 13:11, а овие два гола позитива се чуваа и на почетокот на вториот дел од средбата. Брзо беа обезбедени плус четири после четири минути игра во вториот дел со 15:11. Сепак, имаше одново грешки и брзање во нападот, па противникот се враќаше на два негатива. Никако не можеше да се направи чекорот кој беше потребен за да се има мирна завршница.

Иако Грција намалуваше, Македонија редовно се враќаше. Имаше добри моменти во играта, па тоа носеше до предност од четири позитива. При 19:17 почна завршниот танц. Следуваше серија од 4:0 и 23:17 во 51. минута од средбата. За само една минута беа примени два лесни погодоци, па ова беше знак за минута одмор и совети од Брестовац.

Следуваше гол за пет погодоци предност, а ова отвори простор и за атракции во последните минути. Имаше и цепелин од Георгиевски и Лазаров за уште пожешка атмосфера на трибините. На крајот во последните три минути селекторот Брестовац им даде шанса и на помладите. На терен се најдоа и кадетите Серафимов и Костески така што ова беше одличен ден за голем триумф на Македонија против јужниот сосед.

Со оваа победа Македонија го освои првото место во својата група и оди во некој од првите два шешири во ждрешката за Европското првенство.

МАКЕДОНИЈА – ГРЦИЈА             27:23 (13:11)

Сала: „Парк“ во Струмица. Гледачи: 2000. Судии: Радојко Бркиќ и Андреј Јусуфхоџиќ од Австрија. Делегат: Небојша Вујисиќ од Црна Гора.

МАКЕДОНИЈА: Митревски (13 одб.), Ристовски, Димитриоски, Лазаров 6, Талески 5, В. Маркоски, Н. Маркоски 2, Кузмановски 2, Костески, Танкоски 1, Георгиевски 3, Крстевски, Пешевски 5, Маџовски 3, Серафимов, Димитриевски.

Седмерци: 2/2, Исклучувања: 10 мин.

ГРЦИЈА: Буковинас (13 одб.), Котанидис, Багиос, Николаидис, Милонас 2, Малиос, Пасијас 3, Кедерис, Карампурниотис , Домприс 4, Цирас 6, Черувем, Кандилас, Илиопулос 4, Пападионисиу 2, Каломоирос 1.

Седмерци: 4/4, Исклучувања: 6 мин.