“Македонскиот” Железничар од следната сезона во СЕХА Лигата

Српскиот ракометен клуб Железничар е на чекор до освојување на титулата во српското ракометно првенство. Нишлиите  на коло до крајот ја совладаа Војводина со 21-15, и се наоѓаат на прагот на освојување на титулата по пауза од три децении.

300x250

Железничар веќе го обезбеди второто место во Србија а со тоа и пласман во СЕХА Гаспром Лигата, а за освојување на титулата во домашното првенство ќе му биде потребен минимум бод на гостувањето во Шабац против екипата на Металопластика.

Нишлиите имаат подобар меѓусебен скор и еден бод повеќе од конкурентите Војводина и Партизан, кои во последното коло играат меѓусебно.

“Македонскиот” Железничар како што многумина го нарекуваат нишкиот состав пред се поради присуството на многу ракометни имиња кои долги години биле дел од македонскиот ракомет се наоѓа пред историски успех. Предводени од добропознатото тренерско име Јошко Петковиќ кој имаше големи успеси и во машкиот и во женскиот ракомет во Македонија, па преку тим менаџерот Иван Шмигиќ кој е поранешен ракометар на Вардар и Металург, и поранешниот директор и претседател на Металург-Левче Китевски, Железничар во вистински стил се врати на регионалната ракометна карта.

На патот на Железничар престојат уште многу предизвици кои автоматски стануваат многу поголеми со самото учество во СЕХА Гаспром Лигата. Пласманот е обезбеден, но условите кои треба да се исполнат ќе ја одредат конечната судбина на Нишлите во ова натпреварување.