„Македонскиот“ двобој во Бундес лигата го добија Талески и Рајн Некар

Филип Талески со својот Рајн Некар Левен беше домаќин на Филип Миркуловски со Вецлар во „македонскиот“ дуел во Бундес лигата. Поуспешна беше домашната екипа и славеше убедливо со 31:21.

Домаќинот на крајот победи со голема разлика, иако долго време го кршеше отпорот на Вецлар. Гостите одржуваа резултатска рамнотежа и не дозволуваа составот на Талески да се одлепи. На полувреме Рајн Некар имаше водство 15:13. Вецлар успеваше да ја одржува негативата од два до три гола се до последните десет минути од натпреварот кога дозволија „лавовите“ да направат серија од 6:0 за највиско водство од десет гола.

Во составот на Рајн Некар, Филип Талески уште еден натпревар поголемиот дел го помина на клупата и немаше голем учинок во победата. Во составот на Вецлар настапи Филип Миркуловски кој успеа да постигне два погодока. Најдобар поединец на натпреварот беше Енди Шмид кој со 11 голови го водеше својот состав до нова победа во Бундес лигата.

Вецлар со овој пораз останува на 14 позиција на табелата, додека Рајн Некар останува на третата позиција и се надева на киксови на Кил и Флензбург во борба за првите две места.