Македонскиот вицепрвак покажа заби: Монпелје сепак преголем залак за Металург

Во рамките на  седмото коло од групата Д во Лигата на шампионите, македонскиот вицепрвак Металург запиша нов пораз на домашен терен, овојпат од лидерот Монпелје со 21-27(14-16). Ова е четвртиот пораз на составот од Автокоманда, трет на домашен терен оваа сезона по оние од Бешикташ и Чековски Медведи. Единствниот пораз на гостински терен Металург го доживеа во првото коло на гостувањето во Монпелје (32-22).

Пешевски во петтата минута го постигна првиот гол на Металург, но на спротивната страна Гигу веќе двапати се запиша во листата на стрелците. Затоа македонскиот вицепрвак и покрај одличните одбрани на Томовски уште од самиот почеток беше принуден да го брка водството на противникот. Два гола беше најчестата разлика во првиот дел, а Монпелје успеваше да ја одржи благодарение на брзата транзиција и искуството на француските репрезентативци.

Во моментите кога Французите беа принудени да одиграат позиционен напад со две грешки им овозможија на македонските ракометари да се вратат во игра, а Пешевски на четвртина од средбата да го изедначи резултатот на 8-8. Одбраната на Металург беше борбена и агресивна, а судиската двојка имаше многу мал праг на толеранција, па од првите 18 минути Металург четири ги одигра со играч помалку. Токму тоа беше причината гостите повторно да создадат минимална предност и да ја контролираат играта. Одличниот Јагањац беше единствената нерешлива загатка за голманот Жерард, и тој одржуваше чекор со противникот.  На минута до крајот на полувремето Бонефонд ги постави највисоките 13-16, а во самиот финиш Кузмановски стави точка на првите триесет минути за конечни 14-16.

По паузата Монпелје го зголеми своето водство, а по пауза од шест минути следуваше атративен цепелин меѓу крилата на Металург со завршница на Илиќ за враќање на разликата од полувремето. Металург имаше шанси да го намали резултатот,особено по неколку одлични итервенции на Дарко Арсиќ, кој го замени Томовски во средината на првиот дел, но слабиот процент на реализација кај составот од Автокоманда ги одржуваше гостите на безбедна предност. Во средината на вториот дел, Металург постојано беше на негатива од еден гол, но не успеа да го изедначи реултатот. Во 52 следуваше казна и Монпелје ја врати највисоката разлика на натпреварот, за 21-24, а Афагур веќе во следниот напад ги постави првите „плус“ четири на овој дуел. Тука некаде завршија сите надежи на домашните ракометари, Порт само го потвди триумфот во Скопје со петтиот гол за 21-26 на четири минути до крај. До истекот на шеесетте минути Металург не постигнаниту еден гол , а Монпелје еден за конечни 21-27.

Во следното коло Металург го очекува тешко гостување во Истанбул кај турскиот шампион Бешикташ. Натпреварот ќе се одигра на 18.11.2017 со почеток од 15:00.

МЕТАЛУРГ – МОНПЕЛЈЕ 21-27 (14-16)

Металург: Петров, Јагањац 5, Токиќ, Томовски, Танковски, Арсиќ, Серафимов, Кузмановски 1, Илиќ 2, Анџелиќ 5, Велковски 1, Пешевски 5, Палевски, Гуглета 1, Димитриевски 1, Лазаревски

Исклучувања: 3 Седмерци: 1/0

Монпелје: Жерард, Каусе 6, Тручановичиус, Туми, Гигу 5 (пен. 2/2), Портнер, Ричардсон 2, Кавтичник, Бонефонд 3, Фаустин 1, Порт 6, Бинго, Афгур 4, Суси

Исклучувања: 3 Седмерци: 2/2