Македонија тргна убедливо, ја прегази Грузија во Клаипеда

Женската младинска репрезентација на Македонија тргна во голем стил на ЕХФ-шампионатот во Литванија откако денеска против Грузија забележа голема победа од 29:15, Македонија доминираше во текот на сите 60 минути така што победата е повеќе од заслужена.

Од почетокот се виде дека противникот не е на нивото на Македонија и дека тука нема да има поголеми проблеми за да се дојде до победата. Само на моменти одбраната на Македонија се соочуваше со проблеми, но главно беше во голема предност и ова овозможуваше Дамчевска да им даде шанса на сите ракометарки.

Во првото полувреме предноста главно беше 5-6 гола и во ниту еден момент не беше загрозена предноста. На одмор се отиде со 11:4, а потоа имаше само неколку минути во кои и двете екипи имаа по три гола. Тука одново на цена стапија репрезентативките на Македонија кои до крајот на средбата немаа никаков проблем за да дојдат до висок триумф и бодови.

Конечните 29:15 беа само доказ дека младинките можат најмалку до полуфинале на овој турнир, но ќе мора да се обезбедат добри резултати и утре против Швајцарија и потоа против домаќинот Литванија в четврток.

Левото крило, Марија Тасевска беше ракометарката која на крајот го доби признанието за играч на натпреварот, а таа беше и најефикасна со пет постигнати голови.

МАКЕДОНИЈА – ГРУЗИЈА           29:15 (11:4)

Сала: Свитурио арена во Клаипеда. Судии: Миро Корја и Христофер Мецамаки од Финска. Делегат: Зорица Машиќ од Србија и Антонио Мареирос од Португалија.

МАКЕДОНИЈА: Мицевска, Илјаз, Дамчевска 2, Ѓорѓиевска 1, Трајковиќ 2, Божиновска, Трпевска 3, Калајџиевска 3, Тасевска 5, Смајлоска 4, Џатевска 1, Јанкуловска 1, Кипријановска 3, Седлоска 4, Динарица, Цветановска.

Седмерци: 3/4, Исклучувања: 2 мин.

ГРУЗИЈА: Сабашвили, Јгеренаја 7, Корџаја, А. Чакидзе 1, Јашвили, Џалишвили 3, Кабадзе, Буркадзе, Е. Чакидзе 3, Цинсадзе, Комакидзе, Балава, Гагнидзе 1, Чавхидзе, Јикурашвили, Гогија.

Седмерци: 1/1, Исклучувања: 6 мин.