Македонија со минимална негатива по првите триесет минути во Клуж

Македонската ракометна репрезентација во овие моменти го игра бараж дуелот за пласман на Светското првенство во Германија и Данска наредната година. По првиот дуел одигран во Скопје Македонија има предност од осум голови, а во Клуж по првите триесет минути има минимална негатива од еден гол разлика 12-11.

Одличен почеток имаше македонската селекција и откако домаќините го отворија резултатот, избраниците на Раул Гонзалез ја преземаа контролата над играта и резултатот. Да не беа промашените удари кон празниот гол на Попеску и промашените зицери Македонија сигурно ќе имаше посериозна предност, вака во 11та минута Македонија имаше „плус три“, разлика која бргу се истопи во средина на првиот дел, за во  21. минута Романија да го преземе водството и до 24. минута да дојде до највисоки 10-7. Сепак до крајот на првиот дел Македонија го изедначи резултатот на 11-11, а благодарение на ромнаскиот пивот кој постигна гол со звукот на сирената Романија има гол предност.

Манасков во првиот дел постигна 5 погодоци, додека Лазаров го следи со 3. Остануваат уште 30 минути кои ќе го одредат патникот за ракометниот мундијал во 2019 година.