Македонија не успеа ниту против Чешка, со нов пораз се одалечи од ЕП

Репрезентацијата на Македонија претрпе и втор пораз во квалификациите за Европското првенство во 2020 година, овој пат на домашен терен од Чешка со 29:37. На тој начин шансите за нешто повеќе во овие квалификации се намалени на теорија и сега може само да се води битка за 3. позиција во групата против Португалија.

Гостинките од Чешка брзо дојдоа до водство од 2:0. Македонија имаше проблеми да го постигне првиот гол, но откако успеа работите се подобрија. Серафимова одлично отвори и за десет минути имаше три одбрани од игра и два седмерци. Со тоа помогна да се дојде до подобар резултат.

Откако се фати приклучок и се дојде до 3:4 во 8. минута неколку минути се чекаше за гол за израмнување. Тоа дојде во 13. минута кога Саздовска со првиот гол израмни на 4:4.

Следуваше период во кој Чешка се обиде да го контролира резултатот и беше во предност од два гола. Сепак, со концентрирана и умна игра во одбраната се отвори шанса, па во 21. минута одново беше обезбеден нерешен резултат, сега од 9:9.

Колку што беа добри овие минути до обезбедувањето на нов нерешен резултат, толку беа лоши следните четири минути особено во нападот каде со грешки им беше подарена можност на ракометарките од Чешка да дојдат до предност од 12:9. Конечно на истекот на 25. минута Ѓорѓиевска погоди за 10:12 и беше прекинат периодот без гол.

Ниту три гола негатива не беа проблем до крајот на првото полувреме, а на девет секунди пред истекот на времето одново резултатот беше израмнет, сега на 14:14. Во последниот напад Чешка после тајм-аутот се обиде да стигне до гол за водство на одмор, но Серафимова со уште една интервенција која и беше деветта во првото полувреме го остави резултатот 14:14 на одмор.

Вториот дел тргна со напад на Македонија, но не беше искористен. Чешка поведе, но на резултат 15:15, Ѓорѓиевска имаше можност да донесе водство. Сепак,таа биеше покрај гол и тоа донесе нова предност за Чешка, која брзо потоа успеа да дојде до два гола предност и да поведе со 19:17. Оттука работите не одеа добро бидејќи Чешка успеа да засили и да казни неколку грешки, па во 43. минута разликата беше и четири гола, 20:24.

Тука играта на Македонија почна да се распаѓа. На 11 минути до крајот од средбата резултатот дојде и до минус шест разлика и беше 23:29 така што веќе беше многу тешко и да се очекува враќање во овој дуел. До крајот немаше ништо ново, па само се чекаше конечниот епилог односно разликата со која Македонија ќе го претрпи вториот пораз во квалификациите за Европското првенство.

МАКЕДОНИЈА – ЧЕШКА            29:37  (14:14)

Сала: СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Гледачи: 500. Судии: Илир Битиќи и Суарт Касапи од Косово. Делегат: Гергели Ватај од Унгарија.

МАКЕДОНИЈА: Серафимова (8 одб., 2 сед.), Петковска, Антиќ (1 одб., 1 сед.), Николовска 1, Гакидова 4, Ѓорѓиевска 5, Николиќ, Јанкуловска 2, Стојановска, Кипријановска, Калајџиевска, Ристовска 4, Џатевска, Ливриниќ 12, Саздовска 1.

Седмерци: 6/7, Исклучувања: 4 мин.

ЧЕШКА: Сатрапова (7 одб.), Кудлачкова, Кнедликова, Конечна, Мика 1, Квасова 1, Полашкова, Кордовска 3, Корешова 11, Хуричова 2, Сусткова, Адамкова 2, Марчикова, Захова 7, Јерабкова 7, Мала 3

Седмерци: 7/10, Исклучувања: 6 мин.