Македонија немоќна и против Русија, заврши во битка за 15. место

Репрезентацијата на Македонија загуби и на средбата против Русија и го претрпе четвртиот пораз во серија на Светското првенство, па утре од 13 часот ќе се бори за 15. позиција. Денеска во меч во кој губеше во поголемиот дел од средбата не успеа да дојде до позитивен резултат и загуби со 28:30.

Ракометарите од Македонија имаа одлични пет минути на стартот од средбата, но овие пет минути не беа доволни бидејќи брзо се дојде до менување на ритамот. После 4:2 за Македонија следуваше 4:8 и негатива која мораше да се стигне и да се врати во игра. Иако момците израмнија на 8:8, сепак, противникот одново успеа да стигне до предност и постојано да биде во водство.

Македонија имаше проблеми за да фати приклучок. Не одеше најдобро, а тоа противникот го казнуваше. На сето тоа и голманот Киреев бранеше одлично и ги зголемуваше проблемите за ракометарите од нашата селекција. Сето тоа донесе до 14:17 на одмор, а овој резултат не даваше многу надежи особено поради играта.

Вториот дел почна уште полошо, а Русија отиде на пет гола предност од стартот од натпреварот. Оваа позитива се одржуваше без поголеми проблеми. Постојано водството беше над четири гола и беше тешко да се намали и да се врати во резултатска игра.

Ова беше знак за во игра да се најдат и Серафимов и Танкоски. За разлика од средбата против Шпанија овој пат помладите покажаа дека можат повеќе и успеаја конечно да намалат на два гола разлика. Македонија дојде до 26:28 на пет минути до крајот, но тогаш дојдоа две грешки и одново минус четири.

Во финишот негатива беше одново намалена, но и ова беше доволно за да се заврши со мечот за 15. позиција кој се игра утре од 13 часот. Противник ќе биде поразениот состав од пресметката меѓу Чиле и Катар.

МАКЕДОНИЈА – РУСИЈА             28:30 (14:17)

Сала: Ланксес Арена во Келн. Судии: Гјединг и Хансен од Данска. Делегати: Гулау од Португалија и Сос од Унгарија.

МАКЕДОНИЈА: Митревски 1/1 (15 одб.), Ристовски, Манасков 0/2, Стоилов 1/4, К. Лазаров 9/11, Чурлевски, Талески 3/7, Маркоски, Кузмановски 2/8, Танкоски 1/2, Георгиевски 3/3, Ф. Лазаров, Крстевски 2/4, Поповски 1/2, Пешевски 5/7, Серафимов 0/1.

Седмерци: 3/4, Исклучувања:

РУСИЈА: Киреев (19 одб.), Грамс, Кисељев 2/5, Шишкарев , Ковалев  2/3, Шкурински 4/7, Деревен 0/3, Горпишин, Калараш 4/6, Осташченко 3/3, Дибиров 2/4, Комогоров, Михалин, Житников 8/10, Фокин, Косоротов 5/7.

Седмерци: 1/2, Исклучувања: 4 мин.