Македонија имаше плус четири, но на одмор губи со два разлика од Турција

Репрезентацијата на Македонија има негатива од два гола и 11:13 после првите 30 минути на гостувањето во Ескишехир. Иако имаше предност и од четири гола не успеа да ја задржи, па на одмор оди со негативен резултат.

Турција поведе после првиот напад со голот на Челеби, но брзо дојде до два гола за пресврт преку Лазаров и Кузмановски. Турција поведе уште еднаш во 8. минута со 3:2 и потоа следуваа шест минути во кои беше зачуван голот, а беа постигнати пет за 7:3. овие четири гола предност беа знак за мирно продолжение на средбата и така беше некаде до 22. минута.

Репрезентативците на Македонија како да се опуштија и дозволија Турците да се вратат во ритам и да намалат на 9:10 во 24. минута од првото полувреме. Брестовац мораше да бара тајм-аут и да внесе нови ракометари на терен. Стоилов изнесе голем товар во првите 20 минути особено во нападот каде што Турците играа доста грубо над него. Затоа мораше Пешевски да се најде на терен, а од првите седум го немаше и Талески на чие место се најде Танкоски.

Сепак, не дојде до враќање на сигурната предност туку Турција израмни на 10:10, а во 27. минута Турција успеа и третпат на средбата да дојде до водство, овој пат со 11:10. Домашните поведоа и со 12:10, а после седум минути немање реализација Гоце Георгиевски со својот трет погодок конечно го совлада Озмусул и намали на еден гол разлика. Меѓутоа, во последните секунди од првото полувреме беше примен гол, па место Македонија, Турција има предност на одмор од 13:11.

Во првиот дел од средбата најефикасен во Македонија е Георгиевски со три гола, а по два имаат Лазаров и Маџовски. Кај Турците Пеливан има пет погодоци, додека голманот Озмусул запре седум удари од игра и еден седмерец.