Македонија во пресметката со Луксембург го трасира патот кон полуфиналето

Победата против Литванија од 32:30 најави убав турнир за Македонија и на ЕХФ-шампионатот во кадетска конкуренција, но дали правецот ќе биде задржан ќе се види веќе денеска.

Луксембург не е селекција од која на име би требало да се стравува, но уште пред заминувањето за Грузија селекторот Брестовац најави дека ќе биде многу потешко против денешниот ривал.

Се работи за селекција во која играат ракометари со голем напредок. Дел од нив веќе се наоѓаат во екипите од Германија каде што ја усовршуваат германската школа и тоа се виде и вчера на средбата против Фарските острови.

Сепак, и денеска како и вчера многу работи ќе зависат од тоа како нашите репрезентативци ќе влезат во средбата. Очекувањата се да тргнат во добар ритам и да имаат контрола на играта како против Литванија. Секако ќе мора да се има повеќе помош и од ракометарите кои вчера останаа во сенка на Серафимов и Костески. Затоа денеска се очекува уште повисоко ниво и од левата страна во екипата и повеќе одбрани од Кизиќ и Василевски за да може слободниот ден да се дочека со четири бода.

Средбата против Луксембург почнува исто како и вчерашната од 13 часот и ова ќе биде нов интересен и возбудлив ракомет со очекување за добар резултат.