Македа со комплименти за Македонецот и екс клубот: Нант направи чекор напред во Европа со потписот на Лазаров

Шпанскиот интернационалец Хорхе Македа дојде во Вардар пред две сезони од Нант, следниот противник на европскиот шампион во Лигата на шампионите. Македа со Кристопанс го сочинуваат дуото на десната бековска позиција и имаат тешка задача да го заменат Алекс Душебаев. Шпанецот вели дека вардарци мораат да одиграат најдобро што можат за да го победат Нант.

„Тимот има доста промени откако си заминав јас. Тие играат одлично во двата правци, а имаат неколку играчи што се во одлична форма, како на пример голманот Димулен. Мора да одиграме најдобро што можеме и знаеме и да бидеме концентрирани 100% за да победиме на првиот домашен меч и да ги израдуваме нашите навивачи.“ – вели Македа.

Кире Лазаров даде само 2 гола на првиот меч за Нант во ЛШ против ПИК Сегед, а Македа верува дека капитенот на македонската репрезентација ќе има поголем придонес в сабота.

„Другите бекови во Нант треба да играат малку повеќе за Лазаров, бидејќи тој е навистина добар, со големо искуство во ЛШ. Тој покажа голема ефикасност во Барселона минатите сезони. Со тоа што го добија него, Нант направи чекор напред во Лигата на шампионите.“ – продолжува Македа.

Со доаѓањето на Кристопанс, Македа верува дека Вардар е уште подобар во одбраната оваа сезона.

„Не само нашиот тим, туку сите што сакаат да играат на Ф4, мораат да бидат одлични во одбрана. Ние ќе се потрудиме да ги повториме ланските игри, иако имаме поголем притисок, бидејќи сме шампиони, но ќе се обидеме да ги оправдаме очекувањата на нашите данови и да играме уште еднаш во Келн.“ – заврши Македа.

Дуелот меѓу Вардар и Нант се игра в сабота со почеток во 17:30 часот во СЦ „Јане Сандански“.