Лука Циндриќ ќе дебитира за Келце против Вардар

Тренерот на Келце, Талант Душебаев има големи проблеми пред стартот на новата сезона во Лигата на шампионите бидејќи не може да смета на неколку ракометари меѓу кои е и Лука Циндриќ.

Главното засилување за шампионот на Полска кое летово пристигна од Вардар не можеше да дебитира во најсилната лига на Полска поради повреда. Новите информации говорат дека повредата на Циндриќ е посериозна од она што се мислеше и тој ќе мора да паузира подолго од предвиденото.

Според најновите информации тој нема да може да одигра ниту еден од натпреварите на Келце во септември. Најрано што може да се врати е средината на октомври, а тоа значи дека би бил подготвен за средбата против Вардар. Тој дуел е закажан за 14 октомври, а „црвено-црните“ гостуваат во Полска.

Ова значи дека Циндриќ е загубен за средбите против Веспрем, Рајн Некар, Монпелје и Кристијанштад, па тоа ќе биде голема празнина во тимот на Душебаев. Ако се знае дека ги нема и Јуркиевич и Кулеш јасно е дека ситуација не е најдобра во екипата.