Лука Циндриќ: Направивме голема работа, можеме да бидеме задоволни

Најдобриот играч на завршниот турнир во СЕХА-лигата, Лука Циндриќ со многу пофалби и честитки после натпреварот против ППД Загреб и новата освоена круна. Тој покрај тоа што беше најдобар играч на турнирот е и најдобриот среден бек така што има голема причина за да биде задоволен од овој викенд во СЦ „Јане Сандански“.

300x250

Тој е задоволен од направеното и вели дека ќе се потрудат со своите колеги да продолжат во овој стил и на следните средби кои им претстојат особено во Лигата на шампионите каде имаат дуел со Кил.

„Ова беше вистинско машко финале. Загреб покажа дека е цврст тим и ни зададе многу мака на овој меч. Морам да им честитам на моите соиграчи за играта која што ја прикажаа на овој натпревар и на публиката која не бодреше навистина феноменално. На нас ни требаа вакви средби после паузата која што ја имавме од играње на квалитетни средби и можеме да бидеме задоволни од она што го направивме. Ова е добар показател за нас и ветувам дека ќе продолжиме во ваков стил и дека нема да ги разочараме нашите навивачи“, изјави Лука Циндриќ на прес-конференцијата после финалето во СЕХА.