Лука Циндриќ: Дојдов во Барселона за големи работи, таа беше мојот сон

Ракометарот кој во 2017 година на Ф4 турнирот во Келн и пресуди на Барселона со голот во последната секунда и го однесе Вардар во првото финале, Лука Циндриќ денеска ја имаше својата прва прес-конференција како играч на Барселона. Репрезентативецот на Хрватска ќе биде големо засилување за шампионот на Шпанија во новата сезона.

„Драго ми е што сум дел од ова големо спортско семејство. Секогаш сонував дека еден ден ќе го облечам дресот на Барселона. Сега сум тука и многу сум среќен поради тоа. Веќе работам со тимот и атмосферата е одлична. Возбуден сум и со нетрпение го чекам почетокот на сезоната. Се надевам дека ќе оствариме многу успеси“, коментираше Циндриќ.

Тој изјави дека отсекогаш сакал да го облече дресот на Каталонците и дека секогаш посакувал еден ден да биде дел од најтрофејниот тим во ракометот.

„Уште кога почнав да тренирам ракомет ја гледав Барселона и се гледав себеси во тимот. Првиот впечаток е дека навистина е убаво да се биде овде. Задоволство ми е да бидам во вака голем клуб со големи играчи. Го мислам тоа за сите ракометари кои се во овој клуб. Се надевам дека ќе имаме одлична соработка бидејќи ова е колективен спорт. Соработката е многу важна за остварување на добри резултати“.

Неговото видување за ланското полуфинале во кое Вардар ја совлада Барса беше дека на Каталонците најлошото полувреме во сезоната им се случило на тој натпревар.

„Минатата сезона Барселона играше многу добро. Навистина беа најдобри, но на тој меч во полуфиналето од Лигата на шампионите им се случи лошо полувреме. Мислам дека јас токму поради тоа дојдов тука да донесам пробивност во екипата и да помогнам кога ќе биде тешко.

На прашањето дали можеби стравувал дека голот со кој ја Вардар ја елиминираше Барса во 2017 година ќе го остави без трансфер кај Каталонците, тој смета дека овој шут и му помогнал да биде во редовите на најтрофејниот клуб.

„Во 2017 година мојата цел беше да дојдам до титулата во Лигата на шампионите. Многу долго сакав да постигнам таков гол.Се надевам дека и со Барселона ќе го повторам истото“, изјави Циндриќ на денешната прес-конференција.