Лошиот финиш донесе пораз од четири гола за Пролет во Чешка

Ракометарите на Пролет загубија од Карвина во првиот меч од 2. коло во Купот на ЕХФ со 22:26 и утре на реваншот ќе имаат тешка задача за да успеат да стигнат до резултат кој ќе ги врати во игра и ќе им овозможи да се пласираат понатаму. Иако 50 минути Пролет беше рамноправен ривал, падот во последните десет минути го чинеше овој тим пораз од четири гола.

Уште на почетокот средбата тргна со интересна игра во која тимот на Пролет успешно парираше на противникот од Чешка. Во ниту еден момент не беше дозволено ривалот да отиде на поголема предност и разликата постојано се движеше од еден до два гола.

На моменти во првото полувреме и тимот на Пролет беше во водство, но домаќинот секогаш успеваше со 2-3 гола да го сврти резулатот и да дојде одново во предност. Таквата игра траеше до крајот на првиот дел кој домашните ракометари успеаја да го решат во своја корист со 13:12.

Почетокот на второто полувреме најави добар резултат за ракометарите на Пролет и тие имаа игра која ги носеше кон позитивен епилог на овој дуел. Сите работи водеа кон тоа дека Пролет ќе има активен резултат за реваншот и до 50 минута разликата беше тесна.

На десет минути до крајот водството на Карвина беше еден гол. Резулатот од 19:18 беше показател дека Пролет е конкурентен на овој дуел и има шанси за позитивен епилог. Сепак, кога требаше да се даде најдобро и да се заврши овој меч со активен резултат за утре беше дозволено домаќинот да се одвои на плус шест. Карвина направи 25:19, а Пролет успеа да се врати на негатива од четири гола.

Со погодокот на Василевски во последната секунда беше обезбеден резулат од 26:22, па јасно е дека и утре ќе биде навистина тешко за да се дојде резултат кој ќе води понатаму. Вториот дуел се игра утре од 10:30 часот исто така во Чешка.