Лино Червар после поразот: Бевме меки и бавни во одбрана, Нексе заслужи да нè победи

Ракометарите на Загреб претрпеа пораз на стартот од новата сезона во СЕХА-лигата. Тие беа изненадени на гостувањето кај Нексе во Нашице, па тој пораз ги чинеше скапо бидејќи конечно беше симната една голема бариера за која никој не веруваше дека може да се направи особено од тим од Хрватска.

Тренерот на Нексе, Хрвоје Хорват успеа да ги донесе момците до победа, а ова му го призна и Лино Червар, кој вели дека противникот бил подобар и сосема заслужено успеал да стигне до триумф.

„Нексе ја заслужи победата. Ја сакаше повеќе и вложи многу повеќе во мечот. Ние во финишот ги однесовме работите во поинаков правец, но изгледа дека не заслуживме да дојдеме до победата и затоа и вака завршија работите. Мораме да одиме понатаму. Имаме нови средби и натпревари во Лигата на шампионите. Ни претстојат многу обврски и се надевам дека ќе ги вратиме играчите во екипата. Очекувам на следните средби да играме подобро. Немавме добар пристап на почетокот на средбата, имавме премека одбрана, која не се ни движеше добро. Тоа домаќинот го посакуваше, па покрај тоа што играше добро заслужи да победи“, изјави Лино Червар после вчерашниот пораз.

Ракометарите на Загреб ќе бидат на поправен на 8 септември против Извиѓач, а три дена подоцна ќе имаат уште еден дуел на свој терен против составот на Стеауа.