Лесно е кога се има добар професор: Хорват го победи Лино со негови „финти“

Стратегот на Нексе, Хрвоје Хорват од синоќа има причина за уште поголемо задоволство, а може и да се пофали дека го надиграл својот ментор Лино Червар. Соработниците во репрезентацијата на Хрватска имаа интересна средба со своите тимови, а помошникот на крајот успеа да дојде до триумф со својот тим така што на крајот има повеќе причини за радување.

Составот на Нексе со оваа победа покажа дека во оваа сезона ќе биде тежок ривал за секого, па може да се очекува да забележи најдобар резултат на крајот од шампионатот. А како тренерот го виде настапот на своите момци и каде беше клучниот момент за победата може да се заклучи од изјавата дадена после мечот.

„Првпат во историјата го совладавме Загреб. Ја надминавме бариерата и можеме да бидеме задоволни. Ова беше најтешката задача која успеавме да ја направиме бидејќи докажавме дека и еден Загреб кој досега делуваше непобедливо, може да биде совлада. Ја сакавме победата. Созреавме. Ја задржавме екипата, а Загреб е во процес на создавање на тимот. Ова е истата ситуација во која ние бевме лани кога Загреб не доби со десетина гола разлика. Сега ситуацијата се смени. Загреб со секој нов меч ќе биде сè подобар. Следниот меч меѓу нас и Загреб ќе биде многу подобар. Би му се заблагодарил на Лино Червар бидејќи некои работи кои денеска ги користев ги украдов од него додека му бев помошник“, коментираше тренерот на Нексе, Хрвоје Хорват.

Од Нексе може да се очекува уште една победа и на следниот меч бидејќи на 5 септември ќе влезе како фаворит против тимот на Извиѓач.