Легендата на Кометал не се откажува, ќе игра и на 40 години!

Легендарната турска ракометарка и поранешна членка на некогашниот европски првак, Јелиз Озел не планира да ја заврши богатата кариера. Озел беше дел од Кометал Ѓорче Петров и остави неизбришлива трага во редовите на тимот што повеќе не постои на ракометната мапа.

Плејмејкерот помина три сезони во Скопје, од 2004 до 2007 година и беше лидер на тимот со кој стигна и до финалето на Лигата на шампионите во првата година, но Кометал два пати загуби од данскиот Шлагелсе.

По настапите за Кометал, Озел се врати во турското првенство и играше три години за Мили Пјанго, потоа беше дел од романска Валчеа, па една сезона во Ускудар, четири во Јенимале, а ќе биде активна и на почетокот на петтата деценија од животот.

Таа потпиша за составот на Кастамону, со кој во новата сезона ќе игра во домашниот шампионат и во Лигата на шампионите.