Левче Китевски: Ние сме шампиони, Вардар нека размислува за нас

Директорот на екипата на Металург, Левче Китевски во изјава за 24 Ракомет, говори за амбициите, идните планови и засилувањата за престојната сезона:

Екипата не доживеа многу промени и 80% го задржа костурот од минатогодишната сезона која што е најуспеша сезона на Металург од постоењето на клубот. Успеавме да влеземе меѓу осумте најдобри во Европа и станавме шампиони на Македонија, и тоа зборува многу за нашиот клуб.
Си заминаа Мијатовиќ, Кеџо, Мандиќ, Пецаковски и Златко Мојсовски, додека пак се засиливме со Коциќ – српскиот репрезентативец голман, Владан Липовина- црногорски десен бек, и Милорад Куковски од Вардар а овие денови очекуваме и Дарко Џукиќ да се приклучи кон екипата.
Останува проблематична пикерската позиција, а целиот проблем е околу Марсениќ од Партизан бидејќи ситуацијата не е едноставна затоа што тој има едногодишен договор. Ние сме во преговори но не би сакале да им ги исполнуваме желбите на Партизан. Преку некои написи и кажавме ако размислуваат спортски и во интерес на тоа момче, треба да најдеме заеднички јазик.

Сепак Китевски напомена дека не се откажуваат од младиот србин ,кој Лино Червар најмногу го посакува.

Имаме веќе 2-3 квалитетни линиски играчи но според концептот на Лино Червар во овој случај најмногу би ни одговарал Михајло Марсениќ.

За шансите на Металург против Вардар оваа година, директорот на Металург дециден:

Јас искрено да ви кажам никогаш не го гледам Вардар како клуб со кој што ние се споредуваме. Тие имаат еден концепт во кој што купваат странски квалитетни и искусни играчи, ние го имаме тој еден костур со 4-5 играчи како Атман, Мојсовски, Миркуловски, Вугринец, Станиќ, тука се и Ѓоргиевски, Димовски и Манасков и тие можат да победат секого. Тука имаме и една млада група на ракометари која Лино ја спрема и очекуваме за година-две да направи чуда. Тука се и нашите Македонци како Талевски и Нелоски како и Циндриќ, Борозан и тоа се млади и талентирани ракометари кои се докажаа во овој период. Очекувам дека на Вардар нема да му биде лесно. Ние не размислуваме за Вардар, Вардар нека размислува за нас бидејќи ние сме шампиони и ние ќе го покажаме тоа што го знаеме, а Вардар нека размислува дали ќе може да не победи. Во последните 4 години Металург покажа кој е во Европа, бидејки ние секого почитуваме, со пари може да се направи се, но ние докажавме дека можеме да создадеме и да задржиме нешто и не би сакал да се споредувам понатаму со Вардар. Имаме свој концепт, своја идеа, и Металург во овие последни години од кога Лино Червар е на чело на тимот покажа што знае и умее.

Екипата на Металург утре заминува за Маврово каде ќе остане до 12 август, а потоа заминува за Струга каде традиционално ќе учествува на Струшкиот ракометен турнир.