Лазаров прв пат позира со клупски обележја на Нант: Едвај чекам да заиграм за новиот клуб

Капитенот на македонската репрезентација, Кире Лазаров за првпат по објавувањето на трансферот во Нант, позираше во клупски обележја. Пред почетокот на подготовките за новата сезона в понеделник, францускиот клуб на својот веб сајт објави фотографија од Лазаров.

Во април годинава, Лазаров потпиша двегодишен договор со Нант и веста за неговото пристигнување во Франција на светските прваци, одекна како „бомба” во ракометните кулоари. Нант потврди дека Лазаров го подигна нивото на интересот за ракомет во овој град, па веќе е распродадена арената за мечевите од Лигата на шампионите.

„Кога го бирав мојот нов клуб, сакав тоа да биде клуб кој ќе игра во Лигата на шампионите. Сметам дека клубот ќе расте од година во година. Нант напредува од година во година и заслужува високо да котира во ЛШ. Верувам дека можеме да се бориме против сите други екипи, верувам во себе и во моите нови клупски другари. Едвај чекам да започнам со работа и да настапам за Нант во француското првенство и во Лигата на шампионите. “ – изјави Лазаров за клупскиот веб сајт.

Лазаров во Нант ќе соработува со Алберто Ентрериос, кој е помошник тренер и со поранешните клупски другари од Барселона, Гурбиндо и Балегер.