Лазаров: Пасквал блефира, Романија ќе направи се што е во нејзина моќ да не елиминира

Во пресрет на реванш натпреварот против Романија за пласман на СП 2019 во Германија и Данска,своите очекувања за 24Ракомет ги презентираше и Филип Лазаров. Левиот бек смета дека ќе биде усклучително тешко на жешкиот терен во Клуж, каде македонските ракометари ќе мора да одиграат уште еден одличен натпревар по кој ќе го заверат пласманот на СП.

“Ќе биде доста тешко да се игра во Клуж, бидејќи Романците не го дадоа својот максимум во Скопје. Знаеме дека е доста тешко да се игра во Скопје, сигурно дека ќе одиграат многу подобро на свој терен. Имаме солидна разлика но сепак мислам дека ни треба уште една добра партија за да го потврдиме пласманот на уште едно првенство. Мислам дека изјавите на нивниот тренер Пасквал се блеф, Романија ќе стори се што е во нејзина моќ да се обиде да ја достигне разликата од првиот натпревар, бидејќи се ракометна нација која доста вложува во ракометот.

Лазаров има настапувано во Романија па  многу добро знае каква атмосфера може да направат романските фанови на домашен терен.

“Знам дека многу сакаат ракомет, дека се ракометна нација, но во последно време немаат некои позначителни успеси. Вложуваат многу, лигата им е добра, ете плаќаат и странец селектор што значи дека не им е сеедно. Очекуваа подобар резултат и во Скопје меѓутоа ние покажавме дека сме во топ 10 репрезентации во светот, по што направивме солидна предност која треба да ја одбраниме на реваншот”-заврши Филип Лазаров.