Лазаров: Од Барселона си заминав поради договорот што ми го понудија

Капитенот на македонската репрезентација Кирил Лазаров со својот тим Барселона за последен пат ќе настапи во четвртфиналето на Лигата на шампионите. Затоа дуелите со Кил ќе имаат посебно значење за македонскиот интернационалец. Лазаров и шпанскиот првак по крајот на сезоната ќе се разделат, а македонскиот бек своето ново ракометно поглавје ќе го отвори во Франција во составот на Нант.

Токму затоа предводникот на каталонскиот гигант е во фокусот на шпанските медиуми. Лазаров во опширното интервју за угледниот весник „Ас“ говори за најтешките моменти во својата кариера, за бројот 7 и значењето на сите титули. Меѓу другото капитенот на македонската национална репрезентација се осврна и на заминувањето од редовите на Барселона.

Навистина сакав да продолжам (н.з. во Барселона), но клубот донесе одлука во јануари да го ангажира Јуре Доленец од Монпелје, додека јас бев на Светско првенство. Двете страни имавме свои позиции, но на крај не успеавме да донесеме заеднички договор. Не беше во прашање економскиот аспект, туку времетраењето на новиот договор. Затоа морав да одберам нов живот и се договорив со Нант иако имав и други понуди, сметам дека таа е најдобрата. Потпишав на две сезони со можност за уште една дополнително, во земја како Франција, во клуб кој се развива, кој игра во Лигата на шампионите, го победи Париз во националното првенство и следната сезона има амбиција да биде дел од најсилните групи (А и Б). – вели Лазаров во дел од интервјуто.

Кога се во прашање личните амбиции десниот бек потенцира дека целта е втора титула во Лигата на шампионите и пласман на Олимписките игри во Токио 2020. Патот до Јапонија е долг и макотрпен, а веќе прв чекор кон олимпискиот турнир ќе бидат квалификациите за Европското првенство и натпреварите против Исланд, Чешка и Украина.

Целосното интервју на шпански јазик можете да го прочитате тука.