Лазаров: Ова е успех, но не е најдоброто од нас, можеме уште подобро

Капитенот Кирил Лазаров уште еднаш беше најефикасниот ракометар на Македонија и постигна шест гола. Со еден гол беше поефикасен од Талески и Пешевски, а со искуството помогна во тешките моменти.

„Ова е успех за нашата репрезентација, без разлика што ова ЕП ќе има 24 учесници и што на некој начин има полесен пат бидејќи и најдобрите третопласирани одат на Европското првенство. За честитање е тоа што сме првопласирани што ни овозможува подобра ждрепка ако може така да се каже за да можеме да бидеме конкурентни и да ги исполниме нашите предизвици на ЕП. Не брилјиравме, но се сметаат победите. Крај на сезоната е. Имаме уморни играчи, но и неискусни. Свесни сме дека ова не енајдоброто од нас и можеме подобро и повеќе. Резултатот е тој кој се памети и сега одиме на заслужен одмор. Македонија уште еднаш е на Европско првенство, а јануари задолжително пред ТВ екраните и заедно со фалангата“, изјави Лазаров.

Тој смета дека Македонија ќе има што да покаже и на Европското првенство во јануари.

„Ќе биде конкурентни. Треба да се направи добра анализа. Имаме многу за поправање. Тежнеам кон совршенство и секогаш мора да се биде амбициозен бидејќи истата кога тогаш ќе донесе резучтат. Не треба да бараме алиби дека сме млади. Ако се направи анализа и Франција и Германија се млади и повеќе или помалку се од истата генерација на Талески и Кузмановски и тие играат одлично и во клуб и во репрезентација. Веќе нема млади и стари туку добри и лоши. Притисок е потребен и само така може да се напредува и така младите можат да дојдат до она што се посакува“, коментираше капитенот Лазаров.