Лазаров: Не треба да нè успие победата над Јапонија

Македонија стартуваше победнички на Мундијалот во Германија и Данска со триумфот на Јапонија, а следна пречка за избраниците на Раул Гонзалес ќе биде селекцијата на Бахреин. Капитенот Кире Лазаров вели дека победата над „самураите“ не треба да нè „успие“.

„Бахреин е поквалитетна репрезентација од Јапонија. Тоа ни укажува да бидеме многу внимателни во утрешниот натпревар, да не не успие победата од девет разлика со Јапонија, затоа што не беше така лесно како што изгледаше на крајот. Како што се договоривме, мора да одиме чекор по чекор, таа победа со Бахреин би ни значела многу, но не очекува тешка борба и тежок натпревар. Ако одиграме максимално концентрирано и квалитетно може да се надеваме на двата бода“, вели Лазаров.

Сите ракометари се подготвени за средбата со Бахреин, никој не се пожали на повреда по мечот со Јапонија, но потоа ќе имаме тежок дуел со Хрватска.

„Утре ќе зависи од Македонија. Сега важно е тоа што здравствената состојба е добра, утрово никој не се пожали на некој проблем, на повреда. Тоа ме радува и тоа е добар знак дека утре сите 16 ќе можат да го дадат максимумот. Ме загрижува тоа што од утре почнуваме натпревар ден за ден, нема да имаме пауза за рекуперирање. Да не се повторуваме дека ростерот ни е таков каков што ни е, што подмладен, што неискусен. Тоа малку ме загрижува, ќе биде потешко да се анализира, да се подготвиме за следниот натпревар. Би било добро утре да одиграме добар натпревар, а патем да останеме здрави за да имаме сили за натпреварите што следуваат“, истакна Лазаров.

Средбата против Бахреин се игра утре во „Олимпијахале“ во Минхен со почеток во 14:00 часот.