Лазаров најпрецизен, Нант победнички патува во Келн

Ракометарите на Нант по минатонеделниот пораз од Монпелје, им се вратија на победите во францускиот шампионат. Лазаров и соиграчите славеа на гостински терен против Шамбери со 25 -29 (10-17), а токму нашиот Лазаров заедно со Торна беа најефикасни на натпреварот со по шест голови. Лазаров беше непогрешлив од линијата за седум метри постигнувајќи пет гола од пет обиди.

300x250

Нант уште од самиот старт поведе со 0-4, и даде до знаење дека оди на победа на денешниот натпревар. Домаќините одговорија за момент кога со голот на Бриф се вратија во игра намалувајќи на 5-6 по десет минути игра. Од тој момент Нант заигра на високо ниво, и благодарение на Торна и нашиот Лазаров кој беше непогрешлив од линијата за седум метри успеа да создаде убедлива предност која на полувреме изнесуваше високи 10-17.

Во второто полувреме Нант умешно ја одржуваше високата предност, а тоа воопшто не беше тешко со расположениот Димулин на голот. Репрезентативниот чувар на мрежата забележа импресивни 20 интервенции зад своето име и беше еден од главните лидери на Нант на денешниот натпревар. Шамбери најмногу што успеа да направи е да се приближи на три голови негатива, но немаше сили за повеќе. На крајот конечниот резултат гласеше 25-29, победа со која Нант и Лазаров во победнички ритам патуваат на Ф4 турнирот во Келн.

Најпрецизни во победничката екипа на Нант беа Лазаров и Торна со по шест постигнати гола. Во составот на Шамбери најрасположен за игра беше Марескот со пет гола.

По овој тримф Нант со 35 бода се зацврсти на третата позиција на табелата.