Лазаров најдобар десен бек во квалификациите за Европско првенство (ВИДЕО)

Македонија со победа и пораз ги заврши натпреварите од мајскиот дел на квалификациите за Европското првенство во Хрватска 2018 година. „Црвено-жолтите“ го совладаа Исланд во Скопје со 30-25, а загубија во Рејкјавик со 30-29, до обезбедување на билет за континенталниот собир во Хрватска потребни се уште барем 3 бода, во натпреварите со Украина (гости) и Чешка (дома).

Одличната игра на најдобриот машки колектив во Македонија само го потврди квалитетот на македонските репрезентативци. Капитенот на македонската репрезентација Кирил Лазаров, според ЕХФ пронајде место во најдобрите седум играчи за изминатите две кола (двомечот со Исланд). Македонскиот интернационалец е прогласен за најдобар десен бек, а во моментов ја предводи листата на стрелци со 40 постигнати голови во овој квалификациски циклус.

Освен Лазаров место меѓу најдобрите седум за квалификациските кола 3 и 4 имаше за францускиот голман Тијери Омејер, капитенот на Германија Уве Генсхајмер како лево крило, левиот бек на Вардар и Црна Гора, Вуко Борозан, младата суперѕвезда и предводник на норвешката репрезентација Сандер Сагосен, шпанското десно крило Феран Соле Сала и босанскиот пивот Бенјамин Буриќ.

За сега сите четири репрезентации од квалификациската група 4 се изедначени со по 4 бодови, Македонија според гол разликата е на второто место зад Чешка, а пред Исланд и Украина.