Лазаров и колегите на пенали загубија од Монпелје

Составот на Нант претрпе пораз во второто полуфинале од Трофејот на шампионите во Франција, натпреварување кое е Супер куп на оваа земја и натпреварување кое означува старт на новата сезона.

Нант имаше победа во своите раце бидејќи во последната минута играше со двајца ракометари повеќе на теренот и имаше гол предност, но во финишот тренерот Тиери Анти заработи две минути, па Монпелје доби пенал кој беше реализиран од страна на Кавтичник. Тоа беше гол за нерешени 29:29 што значеше дека победникот ќе мора да се решава во дополнителна игра.

Правилата беа такви што пеналите одлучуваа кој утре ќе игра во финалето против тимот на Ст. Рафаел. Нант имаше полоши изведувачи на ударите. Оној кој делува најсигурно, Валеро Ривера беше првиот кој промаши, а потоа Жерард одбрани уште еден удар и го одлучи победникот. Вкупни 33:31 за Монпелје значеа дека составот кој лани ја освои Лигата на шампионите утре ќе се бори за првиот пехар во новата сезона.

Кире Лазаров беше најефикасниот играч на Нант на овој меч. Тој постигна пет гола во регуларните 60 минути, а потоа и уште еден во пенал рулетот. Сепак, во прв план беа голманите. Думолан имаше 21, а Жерард 17 одбрани, па овој дуел мина во нивна доминација.

Инаку, утре во мечот за 3. место ќе се соочат ПСЖ и Нант, екипите кои во мај играа во полуфиналето од Лигата на шампионите, додека Монпелје ќе игра против Ст. Рафаел за титулата.