Лазаров за 24 Ракомет: Самиот пласман на Европското првенство е успех

Капитенот на репрезентацијата на Македонија, Кирил Лазаров смета дека самиот пласман на Европското првенство ќе биде голем успех за ракометарите, а доколку се дојде и до две победи со Турција и Грција тоа ќе биде одлично пред ждрепката.

„Не би рекол дека би било неуспех ако не дојдеме до две победи против Турција и Грција. Самиот пласман на Европското првенство би бил успех, а ќе биде подобро ако забележиме две победи и дојдеме до посауваното прво место бидејќи тоа ни овозможува една комотна ситуација во однос на ждрепката ќе следи. Ќе направиме се што е во наша можност да се мобилизираме и да го одбработиме она што е потребно. Времето е кратко, но како што е кратко за нас така е и за нив. Не ни е првпат да сме вака, се работи за крај на сезона. Ќе го дадеме максумумот. Ние сме репрезентација која е спој на младост и искуство. Имаме ракометари кои настапуваат во добри клубови, во добри лиги, што се во добра кондиција и со квалитетни средби во оваа полусезона. Иако е крај на сезоната кога се игра за репрезентацијата не е тешко да се има мотивација да се даде максимумот да пробаме да одиграме добро, а со добра игра ќе дојдат и победите“, вели Лазаров за 24 Ракомет.

Со оглед на тоа што не можеше да се одработат повеќе тренинзи во комплетен состав, Лазаров вели дека тоа е ситуација со која се соочуваат најголемиот дел од репрезентациите.

„Проблемите се исти горе-долу кај сите европски репрезентации. Тоа треба добро да се избалансира, да се изменаџерира за на крај да се дојде до целта, а тоа се победите“.

Македонија после подолго време ќе во Струмица и тоа в недела, а смета дека тоа нема да биде проблем.

„Секаде каде што сме играле сме имале поддршка од македонската јавност. Оваа репрезентација во последните 10-15-20 години ја следат навивачи од сите места во Република Македонија“, изјави капитенот Лазаров за 24 Ракомет.

Репрезентацијата за Турција заминува утре, а мечот се игра во Ескишехир в среда од 18 часот.