Лазаров е главен кандидат за топ стрелец, ќе има 70-80 погодоци

Поранешните репрезентативци на Македонија пред почетокот на првенството одговараат на пет прашања поврзани со Светското првенство и со нашиот национален тим. Со нивните анализи ќе можете и вие да имате свој впечаток, а воедно и да знаете од кој ракометар колку да очекувате, но и да имате предвид кои селекции се фаворити.

Ванчо Димовски е поранешен репрезентативец на Македонија. Тој беше дел од Мундијалите во 2009 и 2013, како и од Европските првенства во 2012 и 2014 година. На четирите големи натпреварувања забележа 26 настапи и 21 погодок. Во моментов е дел од Спортската академија во Скопје.

1.Какви се Вашите очекувања од Светското првенство? Кои репрезентации ги гледате како главни фаворити, а кои може да направат изненадува?

„Очекуваме прво силно првенство со добра организација. Тоа се две земји домаќини кои се кандидати за златниот медал. Првпат е две така силни земји да бидат домаќини. Години наназад домаќините се секаде на некој начин и фаворити и влегуваат во минимум полуфинале. Сега имаме две земји со екстра квалитет, а со самото тоа што се домаќини очекуваме да стигнат далеку. Со тоа што влeгуваме во олимписки циклус очекуваме и другите репрезентации од типот на Франција, Шпанија, па и Хрватска да го бараат тоа место. Местото на одигрување им дава шанса и на другите скандинавски земји Шведска и Норвешка да се борат за високо место. Имаме Европски првак, Светски првак, а тука се и два домаќини кои се надополнети со Шведска и Норвешка, а тука би ги сместил и Хрватите. Не би прогнозирал кој е фаворит, а неколку репрезентации ќе се борат за место во олимписките квалификации. Изненадување би бил можеби осмопласираниот состав кој би влегол во кругот на оние што се фаворити“.

2.Какви се шансите на Македонија? Каде ја гледате шансата за висок пласман?

„Имаме изменет состав, но во суштина многу промени. Што се однесува до условно кажано првата седумка таму е само еден играч. Манасков и Георгиевски се веќе стандардни. Борко, Кире, Столе и Талески се веќе трето првенство по ред заедно што се однесува до нападот. Кузмановски е тој што се надевам ќе биде замена за Миркуловски, а играч со искуство во одредени моменти ќе биде Филип Лазаров. Овие играчи кои играат во изминатите првенства се тука, има одредени измени од последното првенство. Во одбраната можеби загубивме во габарит со Јоноски и Никола Маркоски. Миркуловски играше во два правци, сепак Раул во Хрватска гледаше да го одмори во одбрана. Можеби е малку изменета структурата кога го нема него, но ако очекуваме дека ќе се игра доста голем дел од средбите со „7 на 6“ тогаш ја имаме најдобрата двојка за оваа игра. Треба да се реши фазата на транзиција и навремени измени, но кога е нападот во прашање и играта „7 на 6“, Пешевски и Стоилов се најдобра двојка во Европа. Очекувам да уживаат во играта и да не поставуваме некои преголеми амбиции. Можеби некогаш сме започнувале првенство со нереални амбиции, но годинава после сето она што се случи и поразот од Грција кој сите го споменуваат и лошата игра од Турција, на крај ќе испадне дека се дојдени во вистински момент за да може во Германија да се оди релаксирано и да се одигра најдобро што може. Резултатски не би прогнозирал ништо. Со самото тоа што на последните две првенства ги немавме клучните и најдобрите играчи. Лани тоа беше Лазаров, претходно Манасков и Миркуловски што значи дека групна фаза на СП во овој систем сите го очекуваме тој петти меч како клучен. Нека тече првенството, па живи и здрави дотогаш и на тој меч колку може повеќе. Нема да биде трагедија ако не се победи Исланд, но добро е да се задржи континуитетот бидејќи ќе биде добро да се игра во втора фаза инаку би било прво првенство во кое би се преселиле во Президент куп и не знаеме тоа на што би личело и како би се однесувале.

3.Од кои ракометари се очекува најмногу на овој шампионат?

„Очекувам 70 до 80 погодоци од Лазаров на ова првенство, можеби и повеќе. Тој не е случајно меѓу фаворитите за најдобар стрелец. Има многу натпревари. Ги имаме Геогиевски, Манасков и Стоилов, кои мора да го дадат она што го даваат на секој натпревар. Се работи за квалитетни играчи и знаеме дека двајца од нив тројца се добри на одреден натпревар. Тука се приклучува и Пешевски што значи дека има играчи кои може да понесат товар. Секако тука се и Талески и Кузмановски, кои нема да споменам дека им се дава шанса која треба да ја искористат бидејќи ова им е трето првенство и на двајцата и тоа се играчи кои може да бидат и најдобри, но може да имаат и лош ден. Сепак, дека сега добиваат шанса и е нивно време нема да речам туку факт е дека времето кое доаѓа останува на нив. Не знам колку други репрезентации имаат играчи кои се на 22 години, а ова им е трето големо натпреварување. Тие не се случајно таму и треба да влезат во системот и да се надополнат оние 4-5 играчи кои се доста искусни и кои ако треба да се влече навистина има кој да повлече. Може да биде херој Кире, но може да бидат и Талески или Кузмановски. Тие ќе трошат најмногу минутажа на овој шампионат и се на најважни позиции и неминовно е дека треба да се вратат назад и да играат во два правци. Колку ќе можат да го издржат тоа физички и колку ќе може да им помогнат играчи од типот на Крстевски во одбрана и во напад Филип Лазаров останува да се види“.

4.Што може да се очекува поразлично во играта на Македонија во однос на претходните настапи на големите натпреварувања?

„Не би рекол дека можеме да очекуваме нешто поразлично. Ние сме репрезентација која ја води чувството во себе и моментната еуфорија. Покрај тоа сме и таква репрезентација која денеска може да биде светски првак, а утре да се разбуди и да се бори за последно место. Тоа е факт. Целата оваа ситуација на некој начин промена на некои играчи можеби создава мала релаксираност кај другите, можеби и резултатот од Грција и тоа треба да ни биде најглавно оружје за ова првенство. Општиот впечаток е дека не треба да се очекува кој зна е што, но не би рекол така. Можеме да играме против секого и дека треба да се смени нешто драстично, не треба. Мора да се одигра едно добро првенство и кога ќе се врати назад и ќе се сумираат резултатите да имаме повеќе плусеви од минуси. Не чекаат квалификации кои треба да ги доиграме и кои верувам дека ќе ги поминеме. Потоа имаме Европско првенство следната година и треба да се изгради клуб репрезентација со малку изменети имиња во следните неколку години.

5.Дали Раул е вистинскиот човек за пат до Токио?

„Треба да помине прво првенството и да видиме прво на што ќе личиме, да видиме и кои се амбициите на Раул затоа што имаме селектор кој можеби би било премногу да размислува да ја однесе Македонија во Токио, а во исто време да размислува дека за четири месеци треба да биде европски првак со ПСЖ. Дали тоа самиот би можел да го издржи и да остане сконцентриран бидејќи е специфична и нашава работа во репрезентација затоа што е процес кој трае. Во година ипол петпати биле заедно. Треба да се средат уште некои други работи, а сите други селекции станаа посериозни со ангажирање на професионалци. Освен Јакобсен професионалци се Динар, Берге, Ривера … Друго беше кога Раул работеше како тренер во Македонија, во Вардар и можеше некако да се премости и да се води и клуб и репрезентација. Со самото тоа што големите репрезентации се сконцентрираа и бараат само тренер кој ќе го работи само тоа не знам колку Раул е способен да работи во најсилната екипа во Европа и паралелно со репрезентација на 1500 километри далечина. Ова е прашање кое е отворено, но нека помине првенството, па сигурно ќе се знае што и како понатаму“.