Лазаров: Да ги задржиме високите стандарди на организација на кампот

Стартуваа подготовките за четвртото издание на најдобро организираниот ракометен камп на овие простори, камп на капитенот на македонскиот национален тим и најдобар македонски спортист, Кирил Лазаров.

300x250

Како што беше тоа случај и претходните години, Кирил и ова лето е подготвен да одвои време, подготвен е целото негово знаење кое го стекнал во својата пребогата спортска кариера да го пренесе на младите во нашата Македонија. Седум дена поминати во тренинг со Кирил Лазаров и неговиот тим од тренери, седум дена дружење, едукација, квалитетна надградба во секоја смисла е најдобро поминато слободно време за нашите млади ракометари и оние кои сакаат да бидат тоа. Млади спортисти кои во иднина треба да прераснат во врвни ракометари и добри личности.

„Задовоство и чест ми е да го најавам стартот на подготовките и пријавувањето за четвртото издание нашиот ракометен камп. Изминатите години поставивме високи стандарди во организација на самиот камп од секој аспект и ќе биде многу тешко во иднина да ги следиме и дополнително да ги надоградиме. Ќе се обидеме оваа година да бидеме поиновативни, по креативни, поквалитетни како во спортскиот така и во делот за едукативните предавања и организацијата на слободното време на нашите кампери.“ – вели Лазаров.

Изминатите три години на кампот на најдобриот стрелец во историјата на ракометот поминаа повеќе од 700 учесници, голем дел од Македонија но и кампери од Босна, Данска, Шведска, Романија, Србија, Словенија, Црна Гора, Хрватска, Шпанија и Франција. Насмевката на нивните лица, задоволството кај нивните родители е најголема награда и сатисфакција за вложениот труд и посветеноста на тимот на Лазаров.

„Радува фактот на исклучително големата заинтересираност за овој настан годинава и тоа не прави да се чувствуваме горди, но од друга страна и многу поодговорно да пристапиме на организацијата на кампот кој и оваа година ќе се одржи во прекрасниот Охрид. Да бидам искрен, со нетрпение го очекувам јуни и нашето ново другарување, седум дена каде што ќе тренираме и учиме ракомет, каде ќе бидеме позитивни, поставуваме нови цели, ќе се едуцираме што значи здрава и правилна исхрана, развиваме тимски дух и дисциплина, како предуслов за успех во спортот и во животот.“ – изјави Лазаров.