Лазаров во страшна форма пред Келн: Кире најефикасен во новиот триумф на Нант

Нант и Кирил Лазаров се наоѓаат во одлична форма пред Ф4 турнирот во Келн. По најголемиот успех во историјата на клубот и историскиот пласман на собирот на најдобрите четири, Лазаров и другарите ја демонстрираа својата сила во француското првенство. Жртва на Нант беше екипата на Иври која претрпе висок пораз од 31-22.

Уште на стартот виолетовите покажаа дека нема да остават ништо на случајот, и во првото полувреме до врв ја наполнија мрежата на Иври. Димулин беше одличен на голот на Нант со 41% успешност, и 11 интервенции зад своето име, а Лазаров беше лидер на офанзивната линија на Нант. Се беше решено уште во првото полувреме кое Нант го реши во своја полза со високи 19-10. Вториот дел беше само чиста формалност во кој виолетовите пред својата публика демонстрираа моќ пред настапот на Ф4 турнирот во Келн.

Најефикасен ракометар на Нант беше токму нашиот Лазаров кој пет пати ја затресе противничката мрежа и уште еднаш потврди дека ќе биде еден од главните адути на тренерот Тиери Анти во Келн. Еден гол помалку постигна шпанецот Гурбиндо.

Со оваа победа Нант со освоени 33 бодови се задржа на третата позиција на табелата позади екипите на ПСЖ ПСЖ и Монпелје кои имаат по 39 бода, но Монпелје има и еден натпревар помалку.