Лазаров во преговори со Нант, а Берлин застанува во редот за македонскиот бомбардер

По шпекулациите кои се појавија во медиумите околу заминувањето на капитенот на македонската репрезентација од редовите на Барселона, единствен клуб кој ја потврди својата амбиција кога во прашање е кариерата на искусниот десен бек беше тимот на Нант. Токму вечерашниот натпревар меѓу Нант и Данкерк беше убав повод претседателот на клубот, Гаел Пелетиер да ги потврди изнесените ставови врзани за потенцијалниот трансфер на Лазаров во Нант. Тој пред микрофонот на франацускиот канал БЕИН Спорт истакна дека преговорите се во поодмината фаза,  но далеку од официјализирање на конкретен договор.

“Ние се надеваме дека овој трансфер ќе се оствари, бидејќи веќе подолго време сме во контакт. Веќе започнавме и да навлегуваме во деталите и организација. Но постои можеби мала двојба од негова страна дали Нант е вистинскиот пат. Тој е одличен играч кон крајот на неговата кариера, кој не сака да ризикува сега. Секако има многу начини да се добијат информации за нашиот клуб, а токму некои од сегашните соиграчи на Лазаров се поранешни ракометари на Нант. Имам впечаток дека ништо не го блокира напредокот на овие преговори. Но, меѓу напредокот и конкретизирање …”- потенцираше Пелетиер.

Додека Нант јавно ги соопшти своите намери, се појави нов клуб кој е заинтересиран за услугите на Лазаров. На крајот на оваа сезона од Фуксе Берлин заминува норвежанецот Кент Тонесен, а на позиција десен бек „лисиците“ ќе се потпрат на услугите на младиот германски репрезентативец Фабиан Веде, токму потребата за квалитетна замена може да ги доведе до најдобриот македонски ракометар. Изминативе неколку месеци информациите кои пристигнуваат од ракометните кругови во бундеслигата веќе го промовираа хрватот Марко Коплјар  во нов играч на Фуксе Берлин, но управата на амбициозниот германски клуб ќе се обиде да ја искористи својата шанса за да го доведе рекордерот по бројот на постигнати голови на Светските, Европските првенства и Лигата на шампионите за вистински да ја засили десната бековска позиција. Покрај Нант и Берлин, македонскиот портал „Екипа“ објави дека интерес има и од уште еден француски тим предводен од поранешниот македонски селектор Ивица Обрван, составот на Шамбери.

Кирил Лазаров во својата богата кариера настапувал за Пелистер, Загреб, Веспрем и Суидад Реал. Од 2013 е член на Барселона со која стигна до својот прв трофеј во Лигата на шампионите. Неговиот договор со каталонскиот гигант истекува на крајот на оваа сезона, а шпанците се одлучија за Доленец и Мем како долгорочни решенија на позицијата десен бек. Во недостиг на официјално соопштение, сè уште е неизвесно дали Барселона и Лазаров ќе ја продолжат својата соработка или капитенот на македонскиот национален состав ќе го прифати својот следен предизвик.

Македонската публика пак се надева дека можеби е време да го види во дресот на некоја македонска екипа. Веќе неколку години наназад шампионот Вардар покажуваше интерес за услугите на Лазаров, а од наредната сезона во составот на Вардар на десната бековска позиција ќе настапуваат Хорхе Македа и летонскиот интернационалец Денис Кристопанс.